Wednesday, May 22, 2019

                                    Историја за Струмица

  • Антички период
Под името Астраион, градот за првпат во пишаните извори се среќава кај римскиот историчар Тит Ливиј, во 181 година пред новата ера, во врска со убиството на Деметриј братот на македонскиот крал Персеј (179-168 п.н.е.), односно синот на Филип V (221-179). Името Астраион градот го добил по пајонското племе, Астраи. Во 168 година п.н.е. Македонија паднала под римски протекторат и била поделена на четири мериди, а Астраион припаднал на втората мерида. Во 148 година п.н.е. Македонија станала римска провинција. Во римскиот период градот го променил своето име во Тивериопол, за што ни сведочи мермерниот постамент, посветен на патронот Тибериј Клавдиј Менон, од крајот на 2 век и почетокот на 3 век. Во времето на римскиот цар Јулијан Отпадник (361-363) во Тивериопол биле убиени Св. 15 Тивериополски свештеномаченици.

  • Византиско-словенски период
Со преселбата на Словените, која се одвивала во периодот од осумдесеттите години на 6 век до триесеттите години на 7 век, градот доживеал големи разурнувања. На овие простори се населило словенското племе Струмјани, кое го добило своето име по реката Стримон, која тие ја преименувале во Струма. Склавинијата на Струмјаните егзистирала како независно словенско кнежество определен период, додека не биде завладеана од Византија. Во периодот од 845 година до 855 година како византиски воен управник во брегалничко-струмичкиот крај бил Методиј (825-885).
 Струмичката област, потоа била завладеана од бугарскиот владетел Борис I (852-889). Во 893 година Климент според Диканжовиот список (12 век) бил поставен за „епископ на Тивериопол или Велика". Струмичкиот регион останал во бугарската држава сѐ до 969 година кога избило првото востание на комитопулите (Самуил, Арон, Мојсеј и Давид) и ќе влезе во Самуиловата држава (976-1018).
  • Османлискиот период
Струмица во османлискиот период во турската администрација била нарекувана Уструмџе. Таа била приклучена кон Ќустендилскиот санџак каде бил воспоставен спахиско-тимарски систем. Во градот било населено номадско-сточарско туркменско население, така што градот го сменил својот лик и започнал да добива ориентален изглед. Струмица според пописот од 1519 година имала 2780 жители, од кои 1450 христијани, а 1330 муслимани. Во тој период се одвивала и засилена исламизација на што се должи зголемениот број на муслимани 2200 на пописот од 1570 година, наспроти 1230 христијани.

Во 17 век, Струмица станала седиште на кадилук. Во тоа време во Струмица поминале и турските патописци Хаџи Калфа (1665) и Евлија Челебија (1670), кои дале јасен опис на градот со сите муслимански објекти, кои ги имало во Струмица тогаш. Кон крајот на 18 век и почетокот на 19 век Струмичката каза била во состав на Солунскиот санџак. Во 19 век зајакнало патријаршиското движење и гркоманското население зело замав. Тоа довело до силно антипатријаршиско движење во 60-тите години на 19 век. Во 1860 година во Робово било отворено првото училиште на македонски јазик, а прв учител бил Арсени Костенцев од Штип.


No comments:

Post a Comment